Пробиштип домаќин на третата конференција на проектот БИООТПАД

Општина Пробиштип е домаќин на третата конференција поврзана со имплементацијата на проектот БИООТПАД. Во присуство на проектните тимови од сите пет проектни партнери вклучени во овој проект, Градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов, ја отвори конференцијата. Во рамки на дискусијата беа презентирани придобивките кои нашата општина ќе ги има со целосната имплементација на проектот. Пробиштип ќе биде прва општина во државата која раководи и имплементира ваков проект. Со овој проект во вредност од 280.000 евра ќе се инсталираат компостерски единици за биоотпад, домаќинствата вклучени во проектот ќе добијат канти и разградливи вреќи за селектирање на отпадот од кој ќе се добива висококвалитетн компост, а од друга страна ќе се придонесе за значително намалување на отпадот на територија на нашата општина.

biootpad konferencija 2 biootpad konferencija 3 biootpad konferencija 4 biootpad konferencija 5 biootpad konferencija 6

Награден фото конкурс “ПРОБИШТИП ФОТО 2018“

Награден Фото КОНКУРС “ПРОБИШТИП ФОТО 2018“ ТЕМА:
„ НАШИОТ ПРОБИШТИП“

Основни критериуми за учество:

• Се учествува со 2 (две) фотографии на зададената тема ( сите фотографирани во Пробиштип)

и до 3 (три) слободни фотографии (сите фотографирани во општина Пробиштип, со мотиви од карактеристични и препознатливи обележја за нашата општина)

  • Може да се достави и само една фотографија за учество
  • Може да се учествува со највеќе 5 (пет) фотографии

• Фотографиите треба да бидат јасно одбележани за која од двете категории се испратени

• Фотографиите што не одговараат на темата нема да влезат во изборот за наградите

• Фотографиите не треба да бидат потпишани (“watermark”, “signature”) или на кој било начин означени со име или идентификација на фотографијата

• Фотографијата не треба да содржи име, презиме, иницијали, рамки или какви било текстуални карактери и симболи за идентификација на предната страна

• Фотографиите не треба да се претходно објавувани во весници, магазини, каталози или да имаат учествувано на други натпревари

• Фотографиите што не одговараат на темата нема да влезат во изборот за наградите

• Фотографиите  на зададената тема и слободна тема, треба да се фотографирани во Пробиштип,

• Испратените фотографии не треба да содржат елементи на насилство, порнографија, расизам или некој друг облик на дискриминација

• Испратените фотографии не треба да ја нарушуваат приватноста на луѓето, односно сите фотографирани луѓе мора претходно да дале согласност за тоа

________________________________________________________________

Техничко – уметнички критериуми за учество:

• Фотографиите ЗАДОЛЖИТЕЛНО треба да се достават во:

  • електронска форма снимени на CD со висока резолуција (најмалку 5 мегапиксели)
  • Да се во JPEG формат
  • Да се најмалку 72 dpi
  • 4:3 / 3:2 / 16:9 (Пропорција на стандардна фотографија)

Секоја фотографија која нема да биде согласно погоре наведените карактеристики ќе биде дисквалификувана и нема да биде разгледувана од жири комисијата

• Дозволено е софтверско интервенирање на фотографиите

•Фотографијата ќе се оценува според композицијата. Начинот на којшто се вклопени фотографираните елементи, кои треба да прават успешна целина во уметничка смисла

•Фотографиите треба да содржат напредни естетски елементи. Тоналитет, форма, текстура, ритам, баланс, движење и сл.

• Фотографијата не треба да биде премногу темна, нити премногу светла

• Фотографијата мора да има доволно видливи детали

Награди :

• Општина Пробиштип за првите три фотографии во двете категории обезбеди награди и тоа:

/ Фотографии на зададена тема:

I место – 4.000 денари

II место – 2.000 денари

III место – 1.000 денари

/ Фотографии на слободна тема:

I место – 2.000 денари

II место – 1.500 денари

III место – 1.000 денари

• Наградите ќе бидат доделени на 7 Декември, а по повод празникот, 8 Декември 2018 година – „Свети Климент Охридски“  на изложбата која по тој повод, од пристигнатите фотографии, ќе биде поставена во Домот на културата во Пробиштип со почеток во 12 часот.

Доставување на фотографиите за учество:

  • Фотографиите (секоја со наслов), да се достават со наведена шифра, во плик во кој ЗАДОЛЖИТЕЛНО во помал затворен плик се доставуваат личните податоци за учесникот (име, презиме, телефонски број и сл.)
  • Секој учесник кој при отварањето на фотографиите нема затворен плик со податоци и за кој јасно може да се определи за која личност станува збор ќе биде дисквалификуван и фотографиите нема да се разгледуваат
  •  Фотографиите да се испратат на адреса: Општина Пробиштип, ул. Јаким Стојковски бр.1 или да се донесат во Канцеларијата на Одделението за јавни дејности во Општина Пробиштип, со назнака: За награден фото Конкурс „ПРОБИШТИП“ – 2018, најдоцна до 21.11.2018 година (Среда) до 15.30 часот.
  •  Жири комисијата најдоцна до 23.11.2018 година ќе ги селектира фотографиите и ќе ги објави на официјалната фан страна на Facebook за да можат сите заинтересирани да гласаат за истите.
  • (Гласањето на Facebook ќе има влијание во одлуката на жири комисијата, но освоените гласови нема да значат и конечен пласман на фотографиите)
  • Жири комисијата најдоцна до 04.12.2018 година ќе ги објави наградените фотографии преку медиумите, на официјалната WEB страна на општина Пробиштип www.probistip.gov.mk и на официјалната Facebook фан страна.

Авторски права:

  •  Со предавањето на фотографиите за учество на Конкурсот секој потврдува дека:
  • е автор на фотографиите
  • фотографијата не е претходно изложена или објавена
  • ги отстапува авторските права на Општината Пробиштип со неограничено право да ги објавувува, разменува, печати или пренесува на трети лица
  • На Фото Конкурсот немаат право на учество вработените во општинската администрација како и нивните потесни семејства
  • За подетални информации на бројот 032/483-131 лок.107, или на е-маил: info@probistip.gov.mk

ОПШТИНА ПРОБИШТИП
Одделение за јавни дејности

БИО-ОТПАД интензивно се спроведува во пракса

Во изминативе десетина дена експертите ангажирани во проектот ”БИО-ОТПАД” од Универзитетот „Гоце Делчев“ и од Општина Пробиштип вршеа посета на населението од населбата Калниште, која претходно беше одредена како најповолна локација за спроведување на проектните активности.

Со оваа посета досега беа опфатени околу 60 домаќинства (од предвидените 100) и експертите имаа можност да ги запознаат граѓаните со целите на проектот и активностите кои се потребни за негова успешна реализација.

Бидејќи проектот предвидува директно учество на граѓаните во исполнување на проектните активности, за време на оваа посета на граѓаните им беше поделен леток со едукативно – информативна содржина за проектот ”БИО-ОТПАД”. Воедно граѓаните пополнуваа прашалници преку кои можеме да го видиме нивното предзнаење од областа на рециклирање и селектирање а секако и нивната желба да селектираат и компостираат органски отпад преку директно вклучување во овој проект.

Она што досега го имаме како информации е дека скоро во сите домаќинства експертите од проектот ”БИО-ОТПАД” се добредојдени и интересот на граѓаните за овој проект е голем. Впечаток е дека граѓаните од населба Калниште ги препознаа еколошките и социјални бенефити од овој проект и преку потврда за учество во истиот даваат голема поддршка за имплементација на современи технологии во управување со органскиот отпад.

Проектот  ќе трае  24 месеци и е финансиран од Европската комисија, според програмата за транснационална соработка Интерег Балкан – Медитеран 2014 – 2020.

Освен УГД, партнери во проектот се и Општина Катерини во Грција, која е водечки партнер, Општина Пробиштип во Република Македонија, како и Општина Јермасоја во Кипар и Технолошкиот институт во Крит, Грција.

biootpad 2 biootpad 3 biootpad 4 biootpad 5 biootpad 6 biootpad 7

Потпишување на Договор за спроведување на инцијативата за номинација на Геопарк Лесново за член на Глобалната мрежа на геопаркови на УНЕСКО

Денес (22.10.2018 година), градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов, градоначалникот на општина Кратово, Љупчо Бојаџиев, директорката на Центарот за развој на Источен Плански Регион, Драгица Здравева и управителката на Фармахем, Марјонка Велјановска, го потпишаа Договорот за спроведување на иницијативата за номинација на Геопарк – Лесново.

Како една од активностите предвидени за реализација е и иницијативата за номинирање на Лесново за геопарк и негово приклучување кон Глобалната мрежа на геопаркови на УНЕСКО, базирана на Стратегијата за развој на туризмот во Источен плански регион.

Со овој Договор се официјализира поддршката која Програмата за зачувување на природата во Македонија ја дава на општините Пробиштип и Кратово, во чии територии влегува подрачјето на идниот Геопарк – Лесново.

Ова е само прв чекор во постапката за номинација. Во периодот кој следува ќе се врши избор на експерти кои што ќе го истражат подрачјето на двете општини и ќе ги определат точните граници на геопарк Лесново. Понатаму, ќе се формира и раководно тело кое во иднина ќе управува и ќе го развива Геопарк – Лесново, за што е потребна поддршка од општините во избор на квалитетни и квалификувани лица. Истовремено, ќе се реализираат и дополнителни содржини кои што ќе придонесат кон зголемување на вредноста на подрачјето.

geopark.2

geopark.3

geopark.4

 

Соопштение за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Предлог – Детален урбанистички план за Урбан Блок 15 Урбан опфат 15.2

Врз основа на член 35 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање  („Сл.Весник на РМ” бр.199/14, 44/15, 193/15, 31/16, 163/16 и бр.64/18 год.) и донесената Годишна програма за изработување на урбанистички планови на Општина Прбиштип за 2018 година со Одлука Број 26-851/11 од 01.12.2017 год., објавена во „Сл.Гласник” на Општина Пробиштип Бр.3/2017 год., донесена од страна на Советот на Општина Пробиштип, Градоначалникот на Општина Пробиштип  го дава  следното

С О О П Ш Т Е Н И Е

За организирање на јавна презентација и јавна анкета  по
Предлог – Детален урбанистички план за Урбан Блок 15 Урбан опфат  15.2,
Општина  Пробиштип

Се известуваат граѓаните на Општина Пробиштип дека се организира  јавна презентација и јавна анкета по  Предлог – Детален урбанистички план за Урбан Блок 15 Урбан опфат  15.2, Општина  Пробиштип, во м.в. Град, КО Пробиштип, Општина  Пробиштип, со Тех. број 07/2018 од мај 2018, изработен од  Институт за урбанизам, сообраќај и екологија „ИН-ПУМА“ Скопје.

Границата на планскиот опфатот е дефинирана на следниот начин:

-На север границата започнува од КП Бр.549/2 и продолжува понатаму на север по осовината на ул. „Доне Божинов” до КП Бр.540/1.

-На запад границата започнува од КП Бр.540/1 и се движи јужно по осовината на пешачката патека до КП Бр.540/2.

-На југо-запад границата започнува од КП Бр.540/2 и се движи по осовината на ул. „Илинденска” до КП Бр.540/5.

-На југ границата започнува од КП Бр.540/5 и се движи на исток по осовината на ул. „Илинденска” се до КП Бр.538/3, од каде продолжува да се движи на југо-исток по осовината ул.„Јордан Стојанов” се до КП Бр.549/7.

-На исток границата започнува од КП Бр. 549/7 и се движи на север по осовината на  ул.„Јордан Стојанов” се до КП Бр.549/2.

Површината на планскиот опфат изнесува  П=5,04 ха.

ЈАВНА  ПРЕЗЕНТАЦИЈА
со стручно презентирање на

Предлог – Детален урбанистички план за Урбан Блок 15 Урбан опфат  15.2, Општина  Пробиштип, во м.в. Град, КО Пробиштип, Општина  Пробиштип, со Тех. број 07/2018 од мај 2018, изработен од  Институт за урбанизам, сообраќај и екологија „ИН-ПУМА“ Скопје, ќе се одржи на ден 30.10.2018год. (вторник) со почеток во  12.00  часот во салата на Советот на Општина Пробиштип, во Домот на културата –  Пробиштип.

ЈАВНА  АНКЕТА  по

Предлог – Детален урбанистички план за Урбан Блок 15 Урбан опфат  15.2, Општина  Пробиштип, во м.в. Град, КО Пробиштип, Општина  Пробиштип, со Тех. број 07/2018 од мај 2018, изработен од  Институт за урбанизам, сообраќај и екологија „ИН-ПУМА“ Скопје, ќе трае 12 (дванаесет) работни дена и во електронска и во писмена форма, секој работен ден од 7.30 до 15.30 часот во просториите на Одделението за Урбанизам при општина Пробиштип, во периодот од  17.10.2018 год.  до 02.11.2018 год., во кој период заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да доставуваат писмени забелешки, предлози и мислења на анкетните листови, кои можат да ги подигнат од Општинскиот центар за услуги (шалтерот) во зградата на кино салата, и од web страната на Општина Пробиштип, или во електронска форма преку информацискиот систем e-urbanizam. Во прилог на анкетните листови  да се достави копие од катастарски план и имотен лист за парцелата за која се доставува забелешката.

Графичкиот  прилог  од  Предлог – Деталниот урбанистички план за Урбан Блок 15 Урбан опфат  15.2, Општина  Пробиштип,  ке  биде  изложен  на   огласна  табла  пред влезот на Општинскиот центар за услуги (шалтерот) во зградата на кино салата, во информацискиот систем e-urbanizam и на web страната на Општина Пробиштип www.probistip.gov.mk, а подетални информации во врска со   Деталниот урбанистички план  може да се добијат во  Одделението за урбанизам на Општина Пробиштип, кое се наоѓа во просториите на зградата на кино салата на вториот кат.

Анкетен лист

Известување за ЈП и ЈА-1 pot.

Соопштение за ЈП и ЈА ДУП 15.2.p.g.

DUP-15.2-PROBISTIP-100

Општина Пробиштип го одбележа Денот на учителот

Просечниот учител ви зборува, добриот ви објаснува, одличниот ви покажува а беспрекорниот ве инспирира.

Девета година по ред како Општина Пробиштип ја организира свеченоста по повод 5 октомври, светскиот ден на учителот. Единствена сме опшина во Република Македонија што на ваков начин го одбележуваме овој значаен ден. По повод Денот на учителот,Општината распиша конкурс за најдобар учител во сите три општински училишта и во Детската градинка, од каде телата при овие општински установи ги избраа воспитувачката Ката Андонова во ЈОУДГ „Гоце Делчев“, настаникот по физика, Ратка Стојановска во ООУ „Браќа Миладиновци“, Одделенскиот наставник, Марија Богатиновска во ООУ „Никола Карев“ и фискултурецот Јонче Ѓорѓиев во СОУ „Н.Н. Борче“ Пробиштип. На свеченоста на учителите им се обратија Радослав Илиевски, раководител на Одделението за јавни дејности и Љупчо Благоевски, претседател на Совет на општина Пробиштип, а истите го истакнаа значајот на учителите во развојот на општеството и им ја укажаа достојната почит која ја заслужуваат.По повод денот од Општина Пробиштип распишаа литературен и ликовен конкурс, а од пристигнатите песни и цртежи беше направена изложба. Се доделија и награди, па така на ликовниот конкурс победија Јоана Митева, од IIa одделение, трето место, второ место Михаела Томева од Ivа одделение и двете од ООУ „Браќа Миладиновци“, а првото место му припадна на Леон Донев, ученик во V одделение во ООУ „Никола Карев“. На литературниот конкурс третото место го зема Емилија Саздовска од VIв одделение од ООУ „Браќа Миладиновци“, второто место го доби Ивона Љубева од VII одделение од ООУ „Никола Карев“ Пробиштип и првото место го освои Дарио Доберевски, ученик во IX одделение од ПУ „Кирил и Методиј“ Злетово, кое работи при ООУ „Браќа Миладиновци“ Пробиштип. На настанот беше изведена и пригодна програма, а младите балерини од Балетското студио „Магија“ приредија вистинско изненадување преку настап на повеќе од 50 балерини давајќи им по едно срце на присутните, со што на симболичен начин од срце им заблагодарија за се што имаат направен за генерации на пробиштипјани кои имаат минато низ овие училишта. Нека е среќен денот и нека е за многу години…

Р.И.

den na ucitel 20182 den na ucitel 20183 den na ucitel 20184 den na ucitel 20185 den na ucitel 20186 den na ucitel 20187 den na ucitel 20188 den na ucitel 20189

Светска недела на детето

Денес, (04.10.2018 година) по повод Светската недела на детето, градоначалникот ги пречека првачињата од двете општински училишта „Браќа Миладиновци“ и „Никола Карев“.

На средбата во Салата каде што се одржуваат седниците на Советот, дечињата имаа можност да му постават прашања и да поразговараат со градоначалникот, а тој ги запозна со неговите надлежности и надлежностите на Советот, за правата на децата и заложбите на општината за нивно почитување, но и подобрување на условите во образованието.

nedela na deteto1

Одржана седмата седница на Локалниот совет за превенција

Денес, 26.09 2018 година, со почеток од 12 часот  се одржа седмата седница на Локалниот совет за превенција при општина Пробиштип на тема „Улогата и значењето на институциите за безбедно спроведување на Референдумот 2018 година“. На седницата присуствуваа претставници од  Секторот за внатрешни работи Штип, Полициската станица Пробиштип, претседателот и членови на Совет на општина Пробиштип, Центарот за социјална работа, Советодавната граѓанска група, претставници од невладини организации, етнички заедници,  претставници од образование, здравство, медиуми и други.

За надлежностите на Општинската изборна комисија се обрати Ана Горѓиева –претседател на Општинската изборна комисија Пробиштип, а за улогата на полицијата при обезбедување на рефередумот говореше Наташа Ангеловска Комленовиќ, помошник командир од Полициската станица Пробиштип.

На крајот од седницата збор зеде и Началникот на отсекот на превенција при СВР Штип Ангелчо Стојановски, кој ја објасни улогата на Локалниот совет за превенција и Советодавните групи на граѓани во решавањето на безбедносните проблеми на подрачјето на општината и полициската станица.

Заклочокот од состанокот, кој до сите граѓани на општина Пробиштип го пренесе градоначалникот Анастасов е следниот:  „Да покажеме одговорност  на овој референдум  да се одржи во мирна, стабилна безбедносна состојба, согласно изборните закони без да се загрози состојбата и мирот на граѓаните. Во иднина граѓаните да се вклучат во работата на Советодавната група на граѓани, се со цел да ги детектираат и решаваат безбедносните проблеми со кои се соочуваат граѓаните.“

sovet za prevencija2 sovet za prevencija3

Општина Пробиштип ја одбележа Европската недела на мобилност

Денес, 21.09.2018 година, општина Пробиштип ја одбележа Европската недела на мобилност, чијашто цел е да се предложат и тестираат иновативни сообраќајни решенија, нови тенологии или мерки за планирање на урбаниот транспорт со што ќе се намали употребата на автомобили и ќе се редуцираат емисиите на штетните гасови во воздухот.

По овој повод, Општината во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и невладината организација  „Туристичка иднина„ организираше велосипедска тура низ градското подрачје, по повод 22 септември – Ден без автомобили, која ја реализираа најмаладите учесници во сообраќајот.

Со ова се упати порака дека со мудро одбирање на начинот на секојдневен транспорт, го заштедуваме домашниот буџет, го подобруваме нашето здравје, воедно ја заштитуваме животната средина и го намалуваме загадувањето од транспортот.

mobilnost 1 mobilnost 3 mobilnost 4

Прочистувачи на воздух во ЈОУДГ „Гоце Делчев“ од Пробиштип

ЈОУДГ „Гоце Делчев“ од Пробиштип во соработка со општина Пробиштип, од Министерството за животна средина и просторно планирање обезбеди 6 прочистувачи на воздух за потребите на детската градинка.

Истите ќе бидат лоцирани во просториите кај најмалите дечиња од јаслените групи и трпезариите во сите три објекти.

Прочистувачите на воздух ги редуцираат вирусите и бактериите, спречуваат настанување на мувла и влага по ѕидовите и со нивно користење дечињата ќе добијат поквалитетен и поздрав воздух во просториите од детската градинка.

????????????????????????????????????