fakultetТехнолошко-техничкиот факултет во Пробиштип е основан со Одлука на Владата на Република Македонија од 2008 година, како еден од трите нови технички факултети при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Факултетот има за цел да даде придонес во развојот на кадри кои не само што ќе можат да ги прифатат и реализираат достигнувањата на високата технологија, туку да бидат иновативни за нови технологии кои ќе се развиваат на домашни и странски простори.

Организација и структура

Функцијата декан на Технолошко-техничкиот факултет ја врши доц. д-р Винета Сребренкоска. Продекан за настава е доц. д-р Димко Димески. Технолошко-техничкиот факултет креира академска атмосфера во која нашите студенти од земјава и од странство ќе бидат континуирано поттикнати и инспирирани да покажат што знаат и умеат. Технолошко-техничкиот факултет ќе ве оспособи и ќе ве обучи како успешно да ги најдете одговорите на прашањата што ги наметнуваат промените, следејќи го развојот на индустријата и технолошките достигнувања во земјава и во светот.

Студиските програми се организирани во:

Прв циклус на студии
Втор циклус на студии

Носител на студиите е Технолошко-техничкиот факултет, а реализатор на студиите се катедрите кои се составен дел на Технолошко-техничкиот факултет, а тоа се:

Kатедра за текстилно и органско инженерство
Kaтедра за конфекционирање и управување со конфекциски процеси
Катедра за хемиско инженерство и управување и регулација на технолошки процеси
Катедра за инженерство на материјали

Прв циклус на студии

Технолошко-техничкиот факултет ви ја отвора вратата кон нови перспективи, научете да бидете, да знаете, да работите, научете да живеете заедно, научете да се приспособувате на промените! Кај младите генерации изучувањето на новите материјали и запознавањето со новите технологии, како и стекнувањето со нови знаења од областа на текстилот, дизајнот и менаџментот претставува голем предизвик. Иднината е во технологијата и во новите идеи, новите материјали и новите производи. Технолошко-техничкиот факултет ќе ве научи како да бидете различни, иновативни и креативни.

Во првиот циклус на студии на Технолошко-техничкиот факултет се изучуваат следниве студиски програми:

Нови технологии и материјали
Текстилно инженерство
Текстил, дизајн и менаџмет

Втор циклус на студии

Во вториот циклус на студии на Технолошко-техничкиот факултет се изучува следнава студиска програма:
Индустриски дизајн на текстил