Во врска со објавениот прилог на Телевизија Стар на ден 05.12.2016 со наслов “Кочани и Пробиштип дишат отров. Останатите градови од регионот немаат со што да мерат“, општина Пробиштип сака да ги дементира податоците објавени во истиот прилог.

Податокот кој што е прикажан во прилогот е резултат објавен на ден 16.11.2016 година и истиот ден е забележано дека мерната станица во централното градско подрачје во Пробиштип е технички неисправна. Веднаш е контактирано со фирмата која е задолжена за монтажа на мерните станици при што е излезено на терен, извршен е преглед на мерната станица и е констатирано дека постои проблем со сензорот за проток на воздух (air flow) и сензорот за температура, со што се потврди дека последниот резултат објавен на 16.11.2016 година е невалиден.

Мерната станица веднаш е испратена на сервисирање во “Met One Instruments“ – Вашингтон кои како производители се единствени кои можат да вршат сервисирање и калибрација на истиот инструмент во специјализирани лаборатории.

Од страна на овластената компанија сме информирани дека деновиве ќе пристигне калибрираната мерна станица по што општината ќе продолжи со редовното објавување на податоците за квалитет на воздухот.

За точноста на резултатите општина Пробиштип поседува Сертификат за калибрација од самиот производител.

А за тоа каков воздух дишат граѓаните на општина Пробиштип сведочат резултатите објавени на општинската веб страна до 15 Ноември 2016 година.

06.12.2016 година
Општина Пробиштип