Општина Пробиштип потпиша меморандум за соработка со Институтот „Конфуциј“ – Скопје, кој работи при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а се однесува на изучување на кинески јазик во општина Пробиштип.

Двете договорни страни преку овој меморандум ја изразуваат својата подготвеност да соработуваат и заемно да дадат поддршка за изучување на кинескиот јазик (почетно, средно и напредно ниво, за постигнатото ниво учесниците ќе добијат и соодветна диплома), литература и култура, користејќи ги кадровските, стручните и просторните можности на двете страни.

Преку овој меморандум се овозможува на сите заинтересирани ученици, наствници и останати граѓани од нашата општина да ги изучуваат кинескиот јазик и култура. Ова подразбира бесплатни курсеви по кинески јазик кои ќе бидат организирани надвор од редовната настава, за почеток преку настава од далечина, а за понатаму, согласно условите кои ги налага пандемијата со Ковид-19, наставата би се одвивала и со физичко присуство во училиштата во попладневните часови.

Курсевите ќе опфаќаат изучување на кинескиот јазик, но ќе има и организација на културни настани, семинари и работилници за реализација на заеднички проекти. Овде се вклучени и активности насочени кон одбележување на разни прослави, годишнини, јубилеи, културни активности и други настани.

Сите заинтересирани лица можат да се пријават на mail danilaoshi25@gmail.com и на телефон 072 303 469, по што ќе бидат формирани групите, ќе се направи распоред на часовите и во најбрз можен рок ќе започнат со работа. Дополнителни информации учениците ќе добиваат од професорката Даниела Ефтимова и Институтот Конфуциј.

При пријавувањето Ве замолуваме да напишете име и презиме, телефонски број и емаил адреса за контакт. Учениците при пријавување да напишат и кое одделение заради организирање на групите по возраст. Доколку се пријавуваат ученици од основно, да се остави и број од родител за контакт.