Унапредувањето на воспитно-образовниот процес беше и ќе биде една од главните заложби на Општина Пробиштип. Квалитетот на образованието значително зависи и од условите за одвивање на наставата, современите наставни методи и средства, соодветни учебници, воведување на јасни стандарди за објективно следење на наставниот процес.  Поради тоа, образованието е сегмент во кој интензивно се инвестираше во текот на изминатите три години, а на општо задоволство, резултатите веќе пристигнуват. Инвестирањето во образовниот сектор беше и останува да биде еден од моите главни приоритети бидејќи вложувањето во образованието значи вложување во нашата иднина!

За прв пат во Пробиштип е отворен Техничко – технолошки факултет кој работи во склоп на Универзитетот “Гоце Делчев“ од Штип. Во рамките на овој факултет студираат  над 150 студенти.

Бесплатни курсеви по странски јазици и информатика. Во текот на 2010 година во Пробиштип и Злетово за прв пат беа организирани и спроведени бесплатни курсеви по информатика и англиски јазик за возрасни. Курсевите ги посетија околу 350 граѓани. Како резултат на позитивните и успешно спроведени курсеви, во текот на 2011 година општина Пробиштип повторно организираше бесплатни курсеви по странски јазици (англиски, италијански и германски јазик). Овие курсеви беа посетени од околу 150 граѓани.

Бесплатна додатна настава за полагање на матура. Општина Пробиштип во текот на  месеците Април и Мај 2012 организираше бесплатна дополнителна настава за матурантите по предметите  македонски јазик, математика и англиски јазик која беше со цел нивно подготвување за поуспешно полагање на матурскиот испит.