Одбележан Меѓународниот ден на лицата со попреченост

 

Со забавни и спортски активности на децата од Дневниот центар за лица со телесна и ментална попреченост беше одбележан Денот на лицата со попреченост.

Настанот се одржа во спортската сала Софија Петровска.

Градоначалникот Драган Анастасов го поздрави овој начин на одбележување на Денот на лицата со попреченост и изјави дека локалната самоуправа секогаш дава поддршка на оваа категорија на граѓани, но и дека дел од општинската администрација веќе од утре почнува со работилница како дел од Проектот „Комуникација со лица со попреченост и овозможување на соодветен пристап до информации од јавен карактер„, на која ќе бидат опфатени теми, токму за правата за пристап до информаии од јавен карактер согласно Конвенцијата на ОН на лицата со попреченост, Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во Македонија, како и техники и методи на комуникација со лица со различен вид на попреченост.

Оваа активност ќе придонесе кон подобрување на локалните услуги преку поефикасно доставување на информации од јавен карактер и комуникација со граѓаните со попреченост.

3 dekemvri 2 3 dekemvri 3 3 dekemvri 4

Бесплатни лекарски ехо прегледи на дојка

Општина Пробиштип согласно предвидената активност во програмата за социјална заштита за 2018 година  организира бесплатни лекарски ехо прегледи на дојка. Лекарските прегледи ќе се извршуваат во Здравствениот дом„Нада Михајова„ Пробиштип од страна на   д-р  Татјана Сенева специјалист по радиодијагностика.

Целта на оваа мерка е да се подигне свеста на жената за заштита на нејзиното здравје и здравјето на семејството.

Сите заинтересирани жители од општина Пробиштип, може да се пријават секој ден од 08:00-14:00 часот во Здравствениот дом „Нада Михајлова“во одделението за ренген или на тел.032/483-136 локал 120.

Пријавувањето е во тек и бесплатните лекарски ехо прегледи на дојка ќе започнат од 21.11 2018 година и ќе се извршуваат во месец ноември и декември секој работен ден од 14:00 часот до 16:00 часот.

1 година Градоначалник на општина Пробиштип

  • Раздолжено е повеќе од 21 милион денари од наследениот долг од над 180 милиони денари
  • Во соработка со Владата на Република Македонија и Министерството за транспорт и врски, обезбедени се средства од 6 милиони евра за реконструкција на патниот правец Пробиштип – Крупиште во должина од 18 километри. Tендерската постапка е завршена, пријавени се четири економски оператори, во тек е евалуација и избор на најповолен понудувач. Реконструкцијата започнува до крајот на 2018 година, а ќе трае во текот на цела 2019 година.
  • Обезбедени се средства за рехабилитација на патен правец м.в. Киселица – Злетово – Древено – Добрево – Пробиштип во должина од 17,3км, во вредност од 1,5 милиони евра или 91,7 милиони денари од буџетот на ЈП за државни патишта. Потпишан е Договор со Изведувач, а рокот за изведување на работите е до 19.01.2020 година. Се чека на времен режим на сообраќај за отпочнување со работа.
  • Обезбедени се средства за рехабилитација на патен правец Пишица – Тркање во должина од 9,85км, во вредност од над 500.000 евра или поточно 32,92 милиони денари од буџетот на ЈП за државни патишта. Потпишан е Договор со Изведувач, а рокот за изведување на работите е до 17.03.2019 година. Веќе е извршено асфалтирање во должина од околу 4 км.
  • Во индустриската зона Неокази изградена е канализацијата и пречистителната станица
  • Изградена е канализацијата во село Неокази
  • Асфалтирана е дел од улицата „Крсте Мисирков“ од старото училиште до мостот во Калниште и изграден е потпорен ѕид на истата
  • Асфалтиран е дел од улица „Миро Барага“ во должина од 1250 метри и со ширина од 7 метри
  • Се асфалтираа најголем број од ударните дупки по коловозите низ Oпштината. Останатите ќе бидат асфалтирани во текот на месец ноември
  • Извршени се земјени работи на неколку полски патишта низ Општината
  • Тампониран е крак на улица Осоговска
  • Расчистен и тампониран е земјоделски пат во населбата Пробиштип
  • Тампониран е патот помеѓу селата Горно и Долно Барбарево
  • Аплицирано е во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за обезбедување на средства за пробивање и тампонирање на полски патишта низ Општината
  • Во моментот општина Пробиштип работи на целосно ново осветлување на Градскиот плоштад. Проект во вредност од 1,7 милиони денари со кој ќе се осветли и ќе се даде сосема нов современ лик на Градскиот плоштатад
  • Завршена е јавната набавка и избран е изведувач за реконструкција на електрична инсталација за осветлување на улицата „Тодор Александров“, на потегот помеѓу улиците „Методија Андонов – Ченто“ и „Димитар Влахов“ и улицата „Кочо Рацин“, на потегот помеѓу улиците „Никола Карев“ и „Димитар Влахов“
  • Изградена е фекална канализациона мрежа на ул.„ Славко Баев“
  • Изградена е примарна водоводна мрежа, фекална канализација и пробивање и посипување со тампон во Урбан Блок 7.5 во Пробиштип
  • Изграден е канализационен крак, извршен е технички прием и пуштена во употреба е Градската капела
  • Изготвувена е техничка документација, со ревизија за повеќе капитални проекти, како:

o          Кино салата во Пробиштип, со кој е аплицирано по мерката 321 во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој

o          Патниот правец Пробиштип – село Стрмош, со кој е аплицирано по мерката 323 во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој

o          Спомен парк „Братство и единство„ со кој е аплицирано по мерката 322 во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој

o          Доградба и реконструкција на постоечки сместувачки капацитет во Лесново, со кој е аплицирано за обезбедување на финансиска помош од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка

o          Реконструкција на улицата „Тодор Александров“, во делот од спојување со улицата „Никола Карев“ до ООУ Никола Карев, со кој ќе аплицираме за обезбедување на средства од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, преку Проектот за подобрување на општинските услуги

o          Дом на култура и кино сала во Злетово

o          Улица 3 Април

  • Извршена е ревизија на Проектот за изградба на Минеролошка збирка во Пробиштип, за кој ќе поднесеме апликација до Бирото за рамномерен регионален развој, преку Центарот за развој на Источен плански регион
  • Течат активностите за номинирање на Лесново за ГЕО ПАРК во Глобалната мрежа на геопаркови на УНЕСКО – Втор на Балканот и единствен во Македонија. Средствата се обезбедени преку Програмата за зачувување на природата во Македонија, како и од сопствените буџети на општина Пробиштип и Кратово
  • Обезбедени се 4 согласности и вработени се 4 нови пожарникари за доекипирање на Против Пожарната Единица за прв пат после 20 години
  • Преадаптирани се простории во ООУ „Никола Карев“ за детска градинка во населеното место Калниште. Градежните работи се при крај. Останува да се намести подот. Објектот ќе биде спремен да прими 40 дечиња од приградската населба Калниште до крајот на месецот. За овој проект и ова реализирано ветување, на кое сме исклучително горди го реализиравме во соработка со Министерството за труд и социјална политика и е во вредност од 5.942.000 денари со ддв.
  • Обезбедени се средства од 600.000 евра од Република Словенија и 600.000 евра од Владата на Република Македонија (вкупно 1.200.000 евра и најголема донација во историјата на Пробиштип) со кои ќе се зголеми капацитетот на пречистителната станица и реконструкција на старата пумпна станица во село Ратавица, со што општина Пробиштип ќе добие можност да обезбеди водоснабдување и во руралните средини.

Потпишан е Договорот со изведувачот и се очекува во наредниот период да бидат воведени во работа.

  • Во завршна фаза е процедурата за донесување на 10 Детални урбанистички планови за Пробиштип, 1 детален урбанистички план за Пониква и 1 урбанистичко планска документација за село Лесново
  • Деблокиран, продолжен и успешно завршен со реализација Европскиот ИПА Проект за реконструкција на Домот на култура
  • Општина Пробиштип, во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и прекуграничните партнери од Грција и Кипар, работи на Проект во вредност од 17.000.000 денари за БИООТПАД. Со овој Проект, Општината ќе добие две големи компостари за биоотпад, кои ќе бидат поставени во централното градско подрачје и населбата Калниште, со што ќе биде прва Општина во Република Македонија и регионот која ќе селектира био отпад за компостирање и Општина пионер за системот на плаќање на комуналните сметките по принципот „Секој плаќа колку што фрла“.
  • Реконструирани се и асфалтирани игралиштата на ООУ „Никола Карев“ во Пробиштип
  • Распишан е тендер за реконструкција на кровот на спортската сала во ООУ „Никола Карев“ кој завршува на 15 ноември. По изборот на најповолен изведувач ќе биде решен уште еден проблем на граѓаните кој со години наназад се провлекуваше и одолговлекуваше.
  • Заменети се дел од старите прозорци со нови ПВЦ прозорци во ООУ „Никола Карев“
  • Аплицирано е во Министерство за финансии за поставување на фотоволтаични панели на ООУ  „Никола Карев“, со што ќе се овозможи да се намалат трошоците и се стави во функција училишниот затворен базен
  • Набавен е нов парен котел на нафта за системот за загревање во ООУ „Браќа Миладиновци“
  • Реконструирано е игралиштето на подрачно училиште „Кирил и Методиј“ во Злетово
  • Реконструиран е влезот на подрачно училиште „Кирил и Методиј“ во Злетово
  • Обезбедени се дидактички материјали за сите првачиња во општина Пробиштип
  • Обезбедени се надгледни средства и дидактички материјали за корисниците во Дневниот центар за лица со телесна или ментална попреченост и специјалната паралелка при ООУ„Браќа Миладиновци“
  • Преку Програмата за Општинско-корисна работа „Мрежа од услуги за еднакви можности за сите“ за период од 6 месеци ангажирани се:

o          две лица  – дефектолог и личен асистент за потребите на дневниот центар за лица со телесна или ментална попреченост

o          едно лице за дневна грижа на стари и изнемоштени лица

o          четири негуватели, воспитувач и психолог за потребите на детската градинка

o          две лица – образовни асистенти за ученици вклучени во инклузирана настава

  • Воведени се спортски активности за ученици од прво до петто одделение на часовите по физичко воспитание и образование во присуство на одделенски наставник преку ангажирање на лице за период до крајот на годината
  • За прв пат во општина Пробиштип се обезбедени по 5.000 денари за секое новороденче (средсва кои се скратени од контото за репрезентација на градоначалникот).
  • За прв пат, неселективно, се обезбедија социјални божиќни пакети за СИТЕ корисници на социјална и постојана парична помош
  • За прв пат, неселективно, се обезбедија новогодишни пакетчиња за СИТЕ деца во детската градинка
  • Обезбедени се 6 прочистувачи на воздух во Детската градинка „Гоце Делчев“ од Пробиштип
  • Ангажиран е логопед во детската градинка и општинските основни училишта
  • Потпишан меморандум за соработка со здружение „Инклузива“ од Куманово за спроведување на обука на вработените од општина Пробиштип
  • Воспоставен е приемен ден со градоначалникот, во сабота од 11 часот (во зависност од работните обврски), кој трае до прием и на последниот заитересиран граѓанин на кој се примени над 2000 граѓани, што докажа дека граѓаните на општина Пробиштип имаат наталожени проблеми кој не биле решавани со години, но и предлози и идеи за подобрување на општинските услуги и Проекти.

Работилница за Геопарк Лесново

Во општина Пробиштип се одржа првата работилница за размена на искуства за номинација на Лесново за Геопарк во Глобалната мрежа на геопаркови на УНЕСКО.

На работилницата поздравно обраќање имаа директорката на Источен плански регион Драгица Здравева, тим лидерот на Програмата за зачувување на природата, Марјана Шушлевска и градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов.

Експертите од Република Хрватска, Горан Павиќ и Горан Радониќ ги презентираа нивните искуства при номинирање на Паук за прв геопарк на Балканскиот полуостров, како за закононската постапка така и за она што значи работа на терен.

Со своја презентација се обрати и професорот Александру Андрасану од Република Романија за искуствата и постапките при номинирање на геопарк Хатек.

geopark 1 geopark 3

Пробиштип домаќин на третата конференција на проектот БИООТПАД

Општина Пробиштип е домаќин на третата конференција поврзана со имплементацијата на проектот БИООТПАД. Во присуство на проектните тимови од сите пет проектни партнери вклучени во овој проект, Градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов, ја отвори конференцијата. Во рамки на дискусијата беа презентирани придобивките кои нашата општина ќе ги има со целосната имплементација на проектот. Пробиштип ќе биде прва општина во државата која раководи и имплементира ваков проект. Со овој проект во вредност од 280.000 евра ќе се инсталираат компостерски единици за биоотпад, домаќинствата вклучени во проектот ќе добијат канти и разградливи вреќи за селектирање на отпадот од кој ќе се добива висококвалитетн компост, а од друга страна ќе се придонесе за значително намалување на отпадот на територија на нашата општина.

biootpad konferencija 2 biootpad konferencija 3 biootpad konferencija 4 biootpad konferencija 5 biootpad konferencija 6

Награден фото конкурс “ПРОБИШТИП ФОТО 2018“

Награден Фото КОНКУРС “ПРОБИШТИП ФОТО 2018“ ТЕМА:
„ НАШИОТ ПРОБИШТИП“

Основни критериуми за учество:

• Се учествува со 2 (две) фотографии на зададената тема ( сите фотографирани во Пробиштип)

и до 3 (три) слободни фотографии (сите фотографирани во општина Пробиштип, со мотиви од карактеристични и препознатливи обележја за нашата општина)

  • Може да се достави и само една фотографија за учество
  • Може да се учествува со највеќе 5 (пет) фотографии

• Фотографиите треба да бидат јасно одбележани за која од двете категории се испратени

• Фотографиите што не одговараат на темата нема да влезат во изборот за наградите

• Фотографиите не треба да бидат потпишани (“watermark”, “signature”) или на кој било начин означени со име или идентификација на фотографијата

• Фотографијата не треба да содржи име, презиме, иницијали, рамки или какви било текстуални карактери и симболи за идентификација на предната страна

• Фотографиите не треба да се претходно објавувани во весници, магазини, каталози или да имаат учествувано на други натпревари

• Фотографиите што не одговараат на темата нема да влезат во изборот за наградите

• Фотографиите  на зададената тема и слободна тема, треба да се фотографирани во Пробиштип,

• Испратените фотографии не треба да содржат елементи на насилство, порнографија, расизам или некој друг облик на дискриминација

• Испратените фотографии не треба да ја нарушуваат приватноста на луѓето, односно сите фотографирани луѓе мора претходно да дале согласност за тоа

________________________________________________________________

Техничко – уметнички критериуми за учество:

• Фотографиите ЗАДОЛЖИТЕЛНО треба да се достават во:

  • електронска форма снимени на CD со висока резолуција (најмалку 5 мегапиксели)
  • Да се во JPEG формат
  • Да се најмалку 72 dpi
  • 4:3 / 3:2 / 16:9 (Пропорција на стандардна фотографија)

Секоја фотографија која нема да биде согласно погоре наведените карактеристики ќе биде дисквалификувана и нема да биде разгледувана од жири комисијата

• Дозволено е софтверско интервенирање на фотографиите

•Фотографијата ќе се оценува според композицијата. Начинот на којшто се вклопени фотографираните елементи, кои треба да прават успешна целина во уметничка смисла

•Фотографиите треба да содржат напредни естетски елементи. Тоналитет, форма, текстура, ритам, баланс, движење и сл.

• Фотографијата не треба да биде премногу темна, нити премногу светла

• Фотографијата мора да има доволно видливи детали

Награди :

• Општина Пробиштип за првите три фотографии во двете категории обезбеди награди и тоа:

/ Фотографии на зададена тема:

I место – 4.000 денари

II место – 2.000 денари

III место – 1.000 денари

/ Фотографии на слободна тема:

I место – 2.000 денари

II место – 1.500 денари

III место – 1.000 денари

• Наградите ќе бидат доделени на 7 Декември, а по повод празникот, 8 Декември 2018 година – „Свети Климент Охридски“  на изложбата која по тој повод, од пристигнатите фотографии, ќе биде поставена во Домот на културата во Пробиштип со почеток во 12 часот.

Доставување на фотографиите за учество:

  • Фотографиите (секоја со наслов), да се достават со наведена шифра, во плик во кој ЗАДОЛЖИТЕЛНО во помал затворен плик се доставуваат личните податоци за учесникот (име, презиме, телефонски број и сл.)
  • Секој учесник кој при отварањето на фотографиите нема затворен плик со податоци и за кој јасно може да се определи за која личност станува збор ќе биде дисквалификуван и фотографиите нема да се разгледуваат
  •  Фотографиите да се испратат на адреса: Општина Пробиштип, ул. Јаким Стојковски бр.1 или да се донесат во Канцеларијата на Одделението за јавни дејности во Општина Пробиштип, со назнака: За награден фото Конкурс „ПРОБИШТИП“ – 2018, најдоцна до 21.11.2018 година (Среда) до 15.30 часот.
  •  Жири комисијата најдоцна до 23.11.2018 година ќе ги селектира фотографиите и ќе ги објави на официјалната фан страна на Facebook за да можат сите заинтересирани да гласаат за истите.
  • (Гласањето на Facebook ќе има влијание во одлуката на жири комисијата, но освоените гласови нема да значат и конечен пласман на фотографиите)
  • Жири комисијата најдоцна до 04.12.2018 година ќе ги објави наградените фотографии преку медиумите, на официјалната WEB страна на општина Пробиштип www.probistip.gov.mk и на официјалната Facebook фан страна.

Авторски права:

  •  Со предавањето на фотографиите за учество на Конкурсот секој потврдува дека:
  • е автор на фотографиите
  • фотографијата не е претходно изложена или објавена
  • ги отстапува авторските права на Општината Пробиштип со неограничено право да ги објавувува, разменува, печати или пренесува на трети лица
  • На Фото Конкурсот немаат право на учество вработените во општинската администрација како и нивните потесни семејства
  • За подетални информации на бројот 032/483-131 лок.107, или на е-маил: info@probistip.gov.mk

ОПШТИНА ПРОБИШТИП
Одделение за јавни дејности

БИО-ОТПАД интензивно се спроведува во пракса

Во изминативе десетина дена експертите ангажирани во проектот ”БИО-ОТПАД” од Универзитетот „Гоце Делчев“ и од Општина Пробиштип вршеа посета на населението од населбата Калниште, која претходно беше одредена како најповолна локација за спроведување на проектните активности.

Со оваа посета досега беа опфатени околу 60 домаќинства (од предвидените 100) и експертите имаа можност да ги запознаат граѓаните со целите на проектот и активностите кои се потребни за негова успешна реализација.

Бидејќи проектот предвидува директно учество на граѓаните во исполнување на проектните активности, за време на оваа посета на граѓаните им беше поделен леток со едукативно – информативна содржина за проектот ”БИО-ОТПАД”. Воедно граѓаните пополнуваа прашалници преку кои можеме да го видиме нивното предзнаење од областа на рециклирање и селектирање а секако и нивната желба да селектираат и компостираат органски отпад преку директно вклучување во овој проект.

Она што досега го имаме како информации е дека скоро во сите домаќинства експертите од проектот ”БИО-ОТПАД” се добредојдени и интересот на граѓаните за овој проект е голем. Впечаток е дека граѓаните од населба Калниште ги препознаа еколошките и социјални бенефити од овој проект и преку потврда за учество во истиот даваат голема поддршка за имплементација на современи технологии во управување со органскиот отпад.

Проектот  ќе трае  24 месеци и е финансиран од Европската комисија, според програмата за транснационална соработка Интерег Балкан – Медитеран 2014 – 2020.

Освен УГД, партнери во проектот се и Општина Катерини во Грција, која е водечки партнер, Општина Пробиштип во Република Македонија, како и Општина Јермасоја во Кипар и Технолошкиот институт во Крит, Грција.

biootpad 2 biootpad 3 biootpad 4 biootpad 5 biootpad 6 biootpad 7

Потпишување на Договор за спроведување на инцијативата за номинација на Геопарк Лесново за член на Глобалната мрежа на геопаркови на УНЕСКО

Денес (22.10.2018 година), градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов, градоначалникот на општина Кратово, Љупчо Бојаџиев, директорката на Центарот за развој на Источен Плански Регион, Драгица Здравева и управителката на Фармахем, Марјонка Велјановска, го потпишаа Договорот за спроведување на иницијативата за номинација на Геопарк – Лесново.

Како една од активностите предвидени за реализација е и иницијативата за номинирање на Лесново за геопарк и негово приклучување кон Глобалната мрежа на геопаркови на УНЕСКО, базирана на Стратегијата за развој на туризмот во Источен плански регион.

Со овој Договор се официјализира поддршката која Програмата за зачувување на природата во Македонија ја дава на општините Пробиштип и Кратово, во чии територии влегува подрачјето на идниот Геопарк – Лесново.

Ова е само прв чекор во постапката за номинација. Во периодот кој следува ќе се врши избор на експерти кои што ќе го истражат подрачјето на двете општини и ќе ги определат точните граници на геопарк Лесново. Понатаму, ќе се формира и раководно тело кое во иднина ќе управува и ќе го развива Геопарк – Лесново, за што е потребна поддршка од општините во избор на квалитетни и квалификувани лица. Истовремено, ќе се реализираат и дополнителни содржини кои што ќе придонесат кон зголемување на вредноста на подрачјето.

geopark.2

geopark.3

geopark.4

 

Соопштение за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Предлог – Детален урбанистички план за Урбан Блок 15 Урбан опфат 15.2

Врз основа на член 35 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање  („Сл.Весник на РМ” бр.199/14, 44/15, 193/15, 31/16, 163/16 и бр.64/18 год.) и донесената Годишна програма за изработување на урбанистички планови на Општина Прбиштип за 2018 година со Одлука Број 26-851/11 од 01.12.2017 год., објавена во „Сл.Гласник” на Општина Пробиштип Бр.3/2017 год., донесена од страна на Советот на Општина Пробиштип, Градоначалникот на Општина Пробиштип  го дава  следното

С О О П Ш Т Е Н И Е

За организирање на јавна презентација и јавна анкета  по
Предлог – Детален урбанистички план за Урбан Блок 15 Урбан опфат  15.2,
Општина  Пробиштип

Се известуваат граѓаните на Општина Пробиштип дека се организира  јавна презентација и јавна анкета по  Предлог – Детален урбанистички план за Урбан Блок 15 Урбан опфат  15.2, Општина  Пробиштип, во м.в. Град, КО Пробиштип, Општина  Пробиштип, со Тех. број 07/2018 од мај 2018, изработен од  Институт за урбанизам, сообраќај и екологија „ИН-ПУМА“ Скопје.

Границата на планскиот опфатот е дефинирана на следниот начин:

-На север границата започнува од КП Бр.549/2 и продолжува понатаму на север по осовината на ул. „Доне Божинов” до КП Бр.540/1.

-На запад границата започнува од КП Бр.540/1 и се движи јужно по осовината на пешачката патека до КП Бр.540/2.

-На југо-запад границата започнува од КП Бр.540/2 и се движи по осовината на ул. „Илинденска” до КП Бр.540/5.

-На југ границата започнува од КП Бр.540/5 и се движи на исток по осовината на ул. „Илинденска” се до КП Бр.538/3, од каде продолжува да се движи на југо-исток по осовината ул.„Јордан Стојанов” се до КП Бр.549/7.

-На исток границата започнува од КП Бр. 549/7 и се движи на север по осовината на  ул.„Јордан Стојанов” се до КП Бр.549/2.

Површината на планскиот опфат изнесува  П=5,04 ха.

ЈАВНА  ПРЕЗЕНТАЦИЈА
со стручно презентирање на

Предлог – Детален урбанистички план за Урбан Блок 15 Урбан опфат  15.2, Општина  Пробиштип, во м.в. Град, КО Пробиштип, Општина  Пробиштип, со Тех. број 07/2018 од мај 2018, изработен од  Институт за урбанизам, сообраќај и екологија „ИН-ПУМА“ Скопје, ќе се одржи на ден 30.10.2018год. (вторник) со почеток во  12.00  часот во салата на Советот на Општина Пробиштип, во Домот на културата –  Пробиштип.

ЈАВНА  АНКЕТА  по

Предлог – Детален урбанистички план за Урбан Блок 15 Урбан опфат  15.2, Општина  Пробиштип, во м.в. Град, КО Пробиштип, Општина  Пробиштип, со Тех. број 07/2018 од мај 2018, изработен од  Институт за урбанизам, сообраќај и екологија „ИН-ПУМА“ Скопје, ќе трае 12 (дванаесет) работни дена и во електронска и во писмена форма, секој работен ден од 7.30 до 15.30 часот во просториите на Одделението за Урбанизам при општина Пробиштип, во периодот од  17.10.2018 год.  до 02.11.2018 год., во кој период заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да доставуваат писмени забелешки, предлози и мислења на анкетните листови, кои можат да ги подигнат од Општинскиот центар за услуги (шалтерот) во зградата на кино салата, и од web страната на Општина Пробиштип, или во електронска форма преку информацискиот систем e-urbanizam. Во прилог на анкетните листови  да се достави копие од катастарски план и имотен лист за парцелата за која се доставува забелешката.

Графичкиот  прилог  од  Предлог – Деталниот урбанистички план за Урбан Блок 15 Урбан опфат  15.2, Општина  Пробиштип,  ке  биде  изложен  на   огласна  табла  пред влезот на Општинскиот центар за услуги (шалтерот) во зградата на кино салата, во информацискиот систем e-urbanizam и на web страната на Општина Пробиштип www.probistip.gov.mk, а подетални информации во врска со   Деталниот урбанистички план  може да се добијат во  Одделението за урбанизам на Општина Пробиштип, кое се наоѓа во просториите на зградата на кино салата на вториот кат.

Анкетен лист

Известување за ЈП и ЈА-1 pot.

Соопштение за ЈП и ЈА ДУП 15.2.p.g.

DUP-15.2-PROBISTIP-100

Општина Пробиштип го одбележа Денот на учителот

Просечниот учител ви зборува, добриот ви објаснува, одличниот ви покажува а беспрекорниот ве инспирира.

Девета година по ред како Општина Пробиштип ја организира свеченоста по повод 5 октомври, светскиот ден на учителот. Единствена сме опшина во Република Македонија што на ваков начин го одбележуваме овој значаен ден. По повод Денот на учителот,Општината распиша конкурс за најдобар учител во сите три општински училишта и во Детската градинка, од каде телата при овие општински установи ги избраа воспитувачката Ката Андонова во ЈОУДГ „Гоце Делчев“, настаникот по физика, Ратка Стојановска во ООУ „Браќа Миладиновци“, Одделенскиот наставник, Марија Богатиновска во ООУ „Никола Карев“ и фискултурецот Јонче Ѓорѓиев во СОУ „Н.Н. Борче“ Пробиштип. На свеченоста на учителите им се обратија Радослав Илиевски, раководител на Одделението за јавни дејности и Љупчо Благоевски, претседател на Совет на општина Пробиштип, а истите го истакнаа значајот на учителите во развојот на општеството и им ја укажаа достојната почит која ја заслужуваат.По повод денот од Општина Пробиштип распишаа литературен и ликовен конкурс, а од пристигнатите песни и цртежи беше направена изложба. Се доделија и награди, па така на ликовниот конкурс победија Јоана Митева, од IIa одделение, трето место, второ место Михаела Томева од Ivа одделение и двете од ООУ „Браќа Миладиновци“, а првото место му припадна на Леон Донев, ученик во V одделение во ООУ „Никола Карев“. На литературниот конкурс третото место го зема Емилија Саздовска од VIв одделение од ООУ „Браќа Миладиновци“, второто место го доби Ивона Љубева од VII одделение од ООУ „Никола Карев“ Пробиштип и првото место го освои Дарио Доберевски, ученик во IX одделение од ПУ „Кирил и Методиј“ Злетово, кое работи при ООУ „Браќа Миладиновци“ Пробиштип. На настанот беше изведена и пригодна програма, а младите балерини од Балетското студио „Магија“ приредија вистинско изненадување преку настап на повеќе од 50 балерини давајќи им по едно срце на присутните, со што на симболичен начин од срце им заблагодарија за се што имаат направен за генерации на пробиштипјани кои имаат минато низ овие училишта. Нека е среќен денот и нека е за многу години…

Р.И.

den na ucitel 20182 den na ucitel 20183 den na ucitel 20184 den na ucitel 20185 den na ucitel 20186 den na ucitel 20187 den na ucitel 20188 den na ucitel 20189