Во материјалната култура на општина Пробиштип спаѓа и народната носија. За поголем дел од селата, посебно оние кои гравитираат кон овче поле и на југоисток кон Злетовска река е карактеристична которската носија.

Женската носија ја сочинуваат:
– Кошула од конопно или памучно платно до петиците или под колената, со рамно кроени широкоотворени ракави, украсени со вез на ракавите, предниот и долниот дел т.е. тантели познати уште како сорки или пупки.
– Манта или екалак – правоаголно платнено парче, се носело за покривање на градниот отворен дел од кошулата.
– Елек – горна безракавна облека од домашна волнена ткаенина “Алаџа” во пруги на црвена основа долг до под половината на долниот дел, проширен и украсен со монистра.
– Пешкир – од две соединети дипли на црвена или црна основа на краевите украсен со шари од разни бои.
– Појас или ѕуница – ткаен од волнена преѓа, најчесто на црвена основа.
– Каврак – вид марама од еднобојна свилена ткаенина, на рабовите украсена со рачно плетени тантели – сорки.
– Чорапи – од волнена преѓа со шарки.

Машката носија ја сочинуваат:
– Кошула од бело домашно памучно платно, долга до појасот, ракавите на долниот дел завршувале со манжети, на предниот дел и ракавите со везени елементи.
– Чакшири – од клашна до потколената.
– Фустан – се облекувал над чакширите долг до под колената.
– Елек – горна до појасна облека од црна или црвена клашна на предниот дел украсена со гајтани.
– Појас – на црна или црвена основа, со прави хоризонтални шари, долг од 3 – 5 метри, на краевите со реси.
– Бришалка – крпа од бело платно, се носела во летните денови за заштита од сонце при полски работи.
– Капа (шубара) – црна по боја.