Во раните утрински часови во водите на злетовска река по светиот крст се фрлија десетина младоженци од Злетово, пришто најсреќен беше Далибор Атанасовски, инаку злетовски зет, кој не ја криеше радоста од наоѓањето на крстот во матниот вир на местото викано Пешка.
Во 11 часот пак на градскиот базен пред повеќе илјадна публика во студената вода по светиот крст се фрлија 18 наши сограѓани, а најсреќен од нив беше младоженецот Денис Пановски. Среќните пронаоѓачи на светиот крст од црквата добија по една икона, од Советот на општина Пробиштип по еден акумулатор, дар од фабриката ТАБ МАК Пробиштип, од Зегин таблет и од Градоначалникот по еден златник за спомен на овој убав ден.