Во изминативе десетина дена експертите ангажирани во проектот ”БИО-ОТПАД” од Универзитетот „Гоце Делчев“ и од Општина Пробиштип вршеа посета на населението од населбата Калниште, која претходно беше одредена како најповолна локација за спроведување на проектните активности.
Со оваа посета досега беа опфатени околу 60 домаќинства (од предвидените 100) и експертите имаа можност да ги запознаат граѓаните со целите на проектот и активностите кои се потребни за негова успешна реализација.
Бидејќи проектот предвидува директно учество на граѓаните во исполнување на проектните активности, за време на оваа посета на граѓаните им беше поделен леток со едукативно – информативна содржина за проектот ”БИО-ОТПАД”. Воедно граѓаните пополнуваа прашалници преку кои можеме да го видиме нивното предзнаење од областа на рециклирање и селектирање а секако и нивната желба да селектираат и компостираат органски отпад преку директно вклучување во овој проект.
Она што досега го имаме како информации е дека скоро во сите домаќинства експертите од проектот ”БИО-ОТПАД” се добредојдени и интересот на граѓаните за овој проект е голем. Впечаток е дека граѓаните од населба Калниште ги препознаа еколошките и социјални бенефити од овој проект и преку потврда за учество во истиот даваат голема поддршка за имплементација на современи технологии во управување со органскиот отпад.
Проектот ќе трае 24 месеци и е финансиран од Европската комисија, според програмата за транснационална соработка Интерег Балкан – Медитеран 2014 – 2020.
Освен УГД, партнери во проектот се и Општина Катерини во Грција, која е водечки партнер, Општина Пробиштип во Република Македонија, како и Општина Јермасоја во Кипар и Технолошкиот институт во Крит, Грција.