По повод христијанскиот празник, Велигден, општина Пробиштип во соработка со општинските основни училишта и детската градинка, по деветти пат го организираше Велигденскиот хепенинг.
Овој традиционален настан на градскиот плоштад собра голем број на посетители, кои имаа можност да ја проследат изложбата на илјадници велигденски јајца, изработени од вредните раце на дечињата и нивните родители и наставници. Изложбата е од награден карактер, а жири комисијата беше на голема мака за да ги избере најдобрите три шарени велигденски јајца. Сепак, изборот падна на Лука Манчевски од III-б одделение од ООУ „Браќа Миладиновци“, кој го зема третото место. Второто место и припадна на Стефанија Лазаревска од III-а одделение од ООУ „Никола Карев“, а со прво место се закити Бирџан Мустафов од II-а одделение од ООУ „Браќа Миладиновци“.
За најоригинална идеја беше прогласено велигденското јајце на Меланија Цоневска од IV-а одделение од ООУ „Браќа Миладиновци“, а за најдобар аранжман беше прогласен аранжманот на Христијан Стојчевски од Детската градинка „Гоце Делчев“.
Манифестацијата беше пропратена со богата културно уметничка програма на која настапија учениците од ПУ „Ванчо Трајков“ од приградската населба Пробиштип, заедно со балерините од Балетското студио „Магија“ и КУД „Злетовски рудар“, кои работат при домот на култура „Злетовски рудар“. И годинава на плоштадот не изостана велигденскиот амбиент и огромното велигденско јајце на кое е нацртан ликот на Исус Христус, а оваа година имавме и креативна работилница, на лице место членовите на ликовната секција при Домот на културата сликаа неколку големи велигденски јајца, кои потоа останаа како велигденски декор на градскиот плоштад во Пробиштип.