Денес (22.10.2018 година), градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов, градоначалникот на општина Кратово, Љупчо Бојаџиев, директорката на Центарот за развој на Источен Плански Регион, Драгица Здравева и управителката на Фармахем, Марјонка Велјановска, го потпишаа Договорот за спроведување на иницијативата за номинација на Геопарк – Лесново.
Како една од активностите предвидени за реализација е и иницијативата за номинирање на Лесново за геопарк и негово приклучување кон Глобалната мрежа на геопаркови на УНЕСКО, базирана на Стратегијата за развој на туризмот во Источен плански регион.
Со овој Договор се официјализира поддршката која Програмата за зачувување на природата во Македонија ја дава на општините Пробиштип и Кратово, во чии територии влегува подрачјето на идниот Геопарк – Лесново.
Ова е само прв чекор во постапката за номинација. Во периодот кој следува ќе се врши избор на експерти кои што ќе го истражат подрачјето на двете општини и ќе ги определат точните граници на геопарк Лесново. Понатаму, ќе се формира и раководно тело кое во иднина ќе управува и ќе го развива Геопарк – Лесново, за што е потребна поддршка од општините во избор на квалитетни и квалификувани лица. Истовремено, ќе се реализираат и дополнителни содржини кои што ќе придонесат кон зголемување на вредноста на подрачјето.