Во просториите на Домот на културата „Злетовски рудар“ Пробиштип се одржа втората работилница на тема: “Kомуникација со лица со попреченост и овозможување на соодветен пристап до информации од јавен карактер” како специфична цел на проектот од веќе потпишаниот меморандум за соработка помеѓу општина Пробиштип и Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „ИНКЛУЗИВА“ од Куманово.
На работилницата присуствуваа претставници од општина Пробиштип, Центар за социјална работа, основните и средни училишта, детската градинка и др. каде беа опфатени следните теми: правото за пристап до информации од јавен карактер согласно Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер во Македонија, како и техники и методи на комуникација со лица со различен вид на попреченост.
Оваа активност е во рамките на проектот „Пристапни и достапни – jавни информации и услуги” кој има за цел да придонесе кон подобрување на локалните услуги преку поефикасно доставување на информации од јавен карактер и комуникација со граѓаните со попреченост во источниот регион на Македонија.
Проектот е дел од вториот повик за регрантирање дел од проектот ,,Граѓанска алијанса за транспарентност – Набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации”, кој го спроведуваат Фондација Отворено општество – Македонија и Евротинк – Центар за европски стратегии, а финансиски е поддржан од Европската унија.