На 25.06.2018 година во Домот на културата „Злетовски рудар„ во Пробиштип беше отворена 27-та меѓународна Лесновска ликовна колонија. Градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов истакна дека општина Пробиштип е горда што ја има Лесновската ликовна колонија како свој препознатлив културен бренд, ги поздрави уметниците и им посака многу инспирација за убави дела.
Во наредните седум дена во општина Пробиштип ќе творат уметниците: Ѓоко Антониев, Христина Стојчевска, Тони Чатлески, Ангел Коруновски од Македноија, Олга Панкина, Светлана Владимирова Орлова и Светлана Еланцева од Русија, Немања Јовановиќ и Јелена Тамбуриќ од Србија и Маријана Везарова од Бугарија.
Уметниците ќе престојуваат во Лесново, а нивна инспирација ќе бидат Лесновскиот манастир, пештерските цркви, пештерите од каде што се вадел прочуениот воденичарки камен, вулканскиот кратер и прекрасната природа што го опкружува овој амбиент. Оваа година покрај во Лесново уметниците ќе бидат и на различни локации во градот каде што граѓаните на општина Пробиштип ќе можат непосредно да ја следат изработката на уметничките дела.