Денес (20.03.2018) се одржа Осмата седнца на Стопанската комора – Регионална комора од Штип, на која градоначалникот на општина Пробиштип и претседателот на Регионалната комора од Штип, Наум Барзов, потпишаа меморандум за соработка.
Меморандумот за соработка предвидува размена на информации од областите од заедничките интереси, заедничко учество во изработка на апликации и соработка во Проекти, заедничко решавање на клучни прашања од значење на бизнис секторот и подобрување на бизнис климата. Иницијативност и организираност, со еден нов модерен пристап и значителен придонес на Општината во унапредување на бизнисот и бизнис климата на локално ниво.
Градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов, истакна дека во наредниот период ќе работи на зајакнување на односите со сите целни групи и здруженија во општина Пробиштип и регионот, со единствена цел за подобрување на условите за живот во Општината и дека заедно со Регионалната комора ќе работи на решавање на отворени прашања од локално и регионално ниво, со директно вклучување на претставници на Комората во активностите, особено во делот на Локалниот економски развој.
Општина Пробиштип, во соработка со Регионалната комора ќе иницира организација на локални, регионални, национални и прекугранични бизнис средби, учество на саеми и форуми за бизнис, со што директно ќе помага во развојот и иновативноста на локалните бизниси.