„Сакам да придонесам кон позитивна промена во мојата заедница. Сакам да се изразувам креативно. Сакам да работам со деца“. Ако се пронаоѓате во овие изјави Буден Театар нуди одлична можност за вас – Менторска програма во полето на култура наменета за деца и млади, во рамките на проектот „Триаголници на соработка“, поддржан од Амбасадата на Швајцарија во Македонија/Швајварската агенција за развој и соработка.
Повеќе за проектот: budenteatar.org/триаголници-на-соработка/
Буден Театар
Буден Театар активно делува на независната културна сцена веќе една деценија. Продуцира театарски претстави за детска и возрасна публика, организира креативни работилници за деца, едукациски програми и спроведува проекти од областа на културата. Почнувајќи од 2012 година Буден Театар го организира Меѓународниот фестивал за детски театар „Фенер“.
Иновативноста, интерактивноста и играта се основни принципи по кои Буден Театар се води кога создава за детска публика. Креирајќи за возрасна публика, се стреми кон поместување на социјалните табуа, проток на автентична мисла и истражување на нови современи изразни средства во театарот.
Менторска програма
Менторската програма, која се одвива во рамките на проектот „Триаголници на соработка“, спроведуван на територијата на градот Кратово и селата Куклица и Злетово, и градот Ресен и селата Претор и Љубојно, вклучува низа на активности насочени кон подобрување на културната понуда за деца во одбраните локации.
Менторската програма е отворена за млади од 18 до 30 години. Истата е со времетраење од фебруари до август 2018. Бројот на учесници е ограничен. Програмата е бесплатна и ќе биде реализирана на македонски јазик, од страна на тимот на Буден Театар.
Обработувајќи специфични теориски и практични аспекти поврзани со организација и реализација на културни програми наменети за деца, учесниците во менторската програма, ќе добијат можност да спроведуваат активности за деца, стекнувајќи искуство кое во и иднина ќе можат да го применат и да придонесат кон долготрајни промени во својата средина.
Менторските сесии ќе се одвиваат во градовите Кратово и Ресен, додека практичните задачи ќе бидат спроведувани во шесте одбрани локации.
Деталниот опис на активностите предвидени во менторската програма и временската рамка можете да ги најдете на: budenteatar.org/wp-content/uploads/2018/01/mentoring-programme-PDF-FINAL.pdf
Кој може да земе учество?
- Млади на возраст од 18 – 30 години. Млади лица кои во времетраењето на програмата ќе навршат 18 години, исто така се добредојдени да аплицираат
- Кои живеат на територијата на Градот Кратово, с.Злетово и с.Куклица, Градот Ресен, с. Претор и с.Љубојно
- Заинтересирани за работа со деца, креативни, тимски ориентирани, со добри организациски и комуникациски вештини
- Мотивирани да придонест кон позитивна промена во својата заедница
- Слободни континуирано да ја следат програмата и да земат учество во сите планирани активности, во текот на шесте предвидени месеци
Што нуди менторската програма?
- Можност да се здобиете со ново знаење во полето на организирање културни активности, преку директна работа со тимот на Буден Театар
- Можност самите да организирате настани, креативни работилници, театарски претстави
- Можност да ги развиете вашите креативни вештини, организациски и комуникациски способности
- Можност на направите промена во вашата заедница
- Сертификат за учество
- Симболичен финансиски надомест за активностите предвидени во вториот и третиот дел од менторската програма
Како да аплицирате?
- За да се пријавите за учество во менторската програма потребно е да го пополните формуларот за апликација, достапен на следниот линк: https://docs.google.com/forms/d/1fsd6ipUgxvRnKlQvhtmxEGd6qpVNLa_gcjyrCbDmGks/viewform?ts=5a5779d4&edit_requested=true
- Крајниот рок за поднесување на апликацијата е 16.2.2018.
- Во процесот на селекција ќе биде вклучено и онлајн интервју.
- Селекцијата ќе ја прави тимот на Буден Театар.
- За резултатите ќе биде известени по пат на Е-маил, најдоцна до 21.2.2018.
Доколку имате потреба од какви било дополнителни информации, обратете се на Е-маил адресата trianglesfocooperation@gmail.com или на телефонот 072213035.
Facebook/Instagram/Youtube: BudenTeatar