Средното образование во општина Пробиштип се организира и реализира од 1948 година во Идустриско-рударското училиште. Во 1961 година се отвора гимназијата “Наум Наумовски-Борче”, а во 1963 година и рударско-геолошкото техничко училиште. Со тек на време, во 1978 година самостојните училишта формираат единствено училиште, како училишен центар за средно образование “Наум Наумовски-Борче”. Во учебната 2000/2001 година УЦСО “Наум Наумовски-Борче” се трансформира до Државно средно училиште, а во учебната 2005/2006 година во средно општинско училиште “Наум Наумовски-Борче”.
Средното општинско училиште “Наум Наумовски-Борче” располага со вкупна покриена и корисна површина од 4 423 m² и истата, во зимскиот период се загрева со топловоден систем. Во училиштата се наоѓаат вкупно 13 училници (702 m²), 15 кабинети (837 m²), 1 библиотека (102 m²) и 2 спортски сали (1 302 m²), а располагаат со вкупна дворна површина од 15 144 m².
Во учебната 2013/2014 година, во училиштето се запишани 432 ученици, распределени во 21 паралелки, од кои во гимназиското образование се запишани 337 ученици распределени во 15 паралелки (во гимназија 253 ученици во 11 паралелки и во спортска гимназија 84 ученици во 4 паралелки) и во стручното образование се запишани 95 ученици, распределени во 6 паралелки. Воспитно-образовната работа ја организираат и реализираат вкупно 67 вработени, од кои 2 се раководен кадар (директор и помошник директор), 3 се стручни соработници, 2 се административен кадар, 49 се професори (од кои 38 се професори по општи предмети, 9 се професори по стручни предмети и 2 се професори по практична настава) и 11 се технички кадар.
Во СОУ “Наум Наумовски-Борче” се организира и реализира настава за учениците запишани во гимназиското и стручното образование. Од гимназиското образование се верификувани сите подрачја, под комбинација А и Б (природно-математичко, општествено-хуманитарно и јазично-уметничко) и спотрската гимназија, а од стручното образование верификувани се струките машинската, со образовниот профил машински и машинско-енергетски техничар од IV степен, бравар и автомеханичар од III степен и геолошко-рударска и металуршката, со образовниот профил геолошко-рударски техничар од IV степен.
Во текот на учебната година, во училиштето настава се организира и реализира за учениците запишани во гимназиското образование, односно гимназија во природно-математичкото подрачје, под комбинација А и Б и општествено-хуманитарното подрачје, под комбинација А, како и во спотрската гимназија, а во стручното образование во машинската струка, за образовниот профил машински/машинско-енергетски техничар и во геолошко-рударска и металуршката струка, за образовниот профил геолошко-рударски техничар.
Лицата кои не го дооформиле своето образование имаат можност во училиштето, истото тоа да го направат по вонреден пат.
Мисија на училиштето е: Воспитно-образовната работа се сосоти во организирање и реализирање на квалитетна настава и давање можност за перманентно постигнување на подобар успех кај учениците и тенденција средниот просек на успехот на училиштето од 3,36 за учебната 2012/2013 година да се одржи и оваа учебна година со можност за понатамошно зголемување. Образованието на учениците е добро организирано во согласност со потребите на високо-образовните установи и пазарот на трудот во регионот и пошироко, преку реализирање на современа и флексибилна активна настава, според потребите на учениците, со примена на современа информатичка технологија.
Мисијата на училиштето ќе биде реализирана во добри работни услови и здрава училишна клима и култура со максимална ефикасност во реализацијата на училишната програма и искористување на вредностите на воннаставните активности, со посебен осврт на воспитниот дел во чие средиште е адолесцентниот период на нашиот ученик. Во остварување на нашата мисија посебен удел има и соработката со другите училишта и воспитно-образовни институции во Република Македонија, како и соработката со стопанските и нестопанските субјекти во општината и пошироко..
Изјава на мисијата: “Учи, креативно размислувај, биди инвентивен и развиј ги своите вештини”.
Мото на училиштето: “Работиме, воспитуваме и образуваме деца, затоа што тие се нашето богатство, радост и темел на семејството и општеството. Воспитно-образовната дејност е интересна и предизвикувачка, специфична и комплексна, општествено корисна работа која интерно и екстерно е контролирана и анализирана”.
Визија на училиштето: Средното училиште да биде безбедно и креативно место за учење и воспитување на младиот човек-ученик, со можности за пронаоѓање и развивање на стручни квалификации и потребни вештини. Место каде што ќе има здрава клима на добри меѓучовечки односи и успешен професионален развој на вработените.
Нашата визија е продукција на здрава, образовна и воспитна, стручно усовршена личност која ќе успее практично да ги примени стекнатите потенцијали и вредности во општеството и пазарот на трудот или квалитетно да го продолжи своето образование.
Изјава на визијата: “Денешниот ученик подготви го за утрешен човек”.
– Зградата на Средно општинско училиште “Наум Наумовски-Борче” е лоцирана на улица “Гоце Делчев”, број 10 во Пробиштип и е изградена 1972 година. Во зградата е сместено раководството на училиштето и се сместени претежно паралките од гимназиското образование. Зградата располага со вкупна покриена и корисна површина од 1 486 m2, а во состав на зградата функционира спортска сала со површина од 1 000 m2;
– На истата адреса е лоцирана и зградата за стручно образование. Зградата е изградена 1951 година. Во зградата се наоѓа машинска работилница (272 m2), во која се организира и реализира практична настава за учениците од машинската струка. Зградата располага со вкупна покриена и корисна површина од 1 497 m2, а во состав на зградата функционира спортска сала со површина од 302 m2;
– Училишната библиотека е лоцирана на истата адреса, како и училиштето. Зградата е изградена 1961 година и истата е адаптирана во библиотека со читална. Училишната библиотека располага со вкупна покриена и корисна површина од 138 m2.