ПРАЗНИЦИТЕ НА ПРОБИШТИП

Во Пробиштип се одбележуваат голем број на државни и верски празници, при што се внимава во одбележувањето на празниците да бидат опфатени сите категории на граѓани, односно се внимава во одбележувањето на одредени празници да бидат опфатени содржини наменети за најмладите па се до највозрасните наши сограѓани.
Покрај општо познатите празници кои што се одбележуваат ширум Република Македонија, Пробиштип во последните години издвои неколку празника, по чие одбележување е веќе општо препознатлив во регионот, но и пошироко.
Одбележувањето на празниците во Пробиштип е проследено со голема посетеност не само од месното население туку и од гости надвор од општината.
Ако се земе во предвид дека Пробиштип изобилува со природни убавини и реткости, а сето тоа надополнето со богатото културно наследство, традицијата, солидните угостителски објекти и извонредната храна која се нуди во нив, можноста за забава во вечерните часови низ ноќните клубови, Ирски пабови и убавите летни тераси, а да не заборавиме и првиот Аква парк во Македонија, тогаш може без никакво двоумење Пробиштип да биде посакувана дестинација за љубителите на алтернативниот туризам, но и на добрата забава. Секако оние кои што сакаат да уживаат во мирот и спокојот со прошетки низ живописната околина нека повелат на лице место да се уверат. Дојдете и посетете ги одбележувањата на нашите празници, верувајте нема да се покаете, а ќе ни дојдете пак.


БАДНИКОВО ГРАНЧЕ – 5 Јануари

На 5 Јануари, а по повод Христовото раѓање „Божиќ“, општина Пробиштип ја организира манифестацијата „Бадниково гранче“ или „Берење на бадниково гранче“. Манифестацијата е традиционална и се одржува повеќе од 20 години.
Најнапред во организација на општината и актуелниот кум на манифестацијата, во 9 часот се покануваат членови на бизнис заедницата од општината на греана ракија и погача со паричка за да се избере нов кум на манифестацијата за наредната година, кој ќе биде покровител наредната година.
Подоцна на местото викано Жгури во 11 часот зедно со општина Кратово пред огромен број граѓани се берат бадниковите гранчиња, се осветуваат и гранчињата и погачата, каде има паричка. Погачата им се делат на присутните бирајќи на тој начин кум на манифестацијата, секако на оној на кој ќе му падне паричката е еден од двата кума – претставник од граѓаните. Манифестацијата е пропратена со богата посна трпеза, греана ракија, чај и црвено вино.
По завршување на осветувањето на гранчињата сите присутни си земаат од истите за претстојниот празник, а останатите се даваат на свештените лица кои истите попладнето ги делат на граѓаните во црквите.
Целиот настан е проследен со музика и општо народна веселба.


ВОДИЦИ – 19 Јануари

На 19 Јануари, а по повод верскиот празник Водици, општина Пробиштип во соработка на црквите од Пробиштип и Злетово, организираат традиционална манифестација капење во водите на Злетовска река во Злетово и во градскиот базен во Пробиштип.
Во Злетово, во раните утрински часови, поворка од луѓе, предводена од локалниот свештеник и градоначалникот, од црквата во Злетово се упатуваат кон местноста „Пешка“ каде се спремни капачите кои ке скокаат по светиот крст.
Во Злетово, вековна традиција, по светиот крст во водите на Злетовска река, можат да скокаат само младоженците од претходната година.
По наоѓањето на светиот крст во водите на реката сите капачи во придружба на најблиските заминуваат во своите домови каде продолжуваат со славењето, а злетовчани одат кај сите на визита славејќи го празникот во текот на целиот ден.
Предпладне во Пробиштип, на градскиот базен, пред повеќеилјадна публика на општина Пробиштип се фрла светиот крст. Во пробиштип по светиот крст може да се фрлаат сите пријавени кандидати во градската црква.
Се верува дека оние што ќе го фатат крстот ќе бидат среќни цела година, а ќе им носат среќа и на сите други.


ЗЕЛНИКОТ НА БАБА – 21 Март

На 21 март, а по повод доаѓањето на пролетта општина Пробиштип ја организира манифестацијата „Зелникот на баба“, која е традиционална манифестација, а е во чест на нашиот убав традиционален специјалитет – зелникот.
На градскиот плоштад со почеток во 11 часот секоја година има ревија на зелници изработени од вредните раце на нашите домаќинки.
На манифестацијата учествуваат, поединци и граѓански здруженија од Пробиштип, но и гости од голем број на градови ширум Република Македонија.
Манифестацијата е од републички карактер, а освен вкусот на зелникот на истата може да се најдат и многу други специјалитети , при што љубителите на традиционалната храна можат да уживаат во истата.
Во импровизираната селска соба се демонстрира како се изработува овој наш специјалитет. Присутните можат да видат како се сука, мота во плек и се пече под вршник.
Целото случување е проследена со богата културно уметничка програма со познати естрадни уметници, па така сите присутни освен добра храна имаат и одлична забава.


ПРОБИШТИПСКИ МАСКЕНБАЛ (ПРОБИШТИП ПОД МАСКИ) – 31 Март

По повод 1 април, денот на шегата, на 31 март општина Пробиштип го организира пробиштипскиот маскенбал под мотото „Пробиштип под маски“.
Ова е шеговита манифестација и со маскирање го прославуваме денот на шегата. Целта е сите да бидат насмеани, весели и барем овој ден сите да бидат среќни.
Манифестацијата започнува во 17 часот со дефиле на маските низ градот, за да завршат на ракометното игралиште во центарот на градот, а доколку временските услови не го дозволуваат тоа, тогаш претставувањето на маските се случува во спортската сала при ООУ „Никола Карев“ Пробиштип.
Пред повеќе илјадна публика, неколку стотици групни маски се претставуваат со своја програма, по што следува прогласување на најдобрите маски, а манифестацијата продолжува со голема забава која продолжува низ локалните угостителски објекти до раните утрински часови.
Во манифестацијата учествуваат општинските училишта, граѓански здруженија, поединци, но и гости од градовите од регионот и пошироко.


ВЕЛИГДЕНСКИ ХЕПЕНИНГ – Велики петок

Во пресрет на нашиот најголем христијански празник, христовото воскреснување, Велигден, општина Пробиштип на велики петок, со почеток во 12 часот на една од локациите во центарот на градот, прави уште една традиционална манифестација, организира изложба на шарени велигденски јајца.
Изложени се околу илјада шарени велигденски јајца, кои ги цени жири комисија и врши избор на најшарени, најукрасени и најубаво аранжирани велигденски јајца.
Учество земаат општинските училишта, детската градинка, невладини здруженија и граѓани на општина Пробиштип.
Целата манифестација е проследена со богата културно уметничка програма, а е посетена од огромен број на посетители.


ДЕФИЛЕ НА МАТУРАНТИ – 20 Мај

На 20 мај на градскиот плоштад, после последниот класен час, матурантите продефилираат на градскиот плоштад, каде има организирана промоција од страна на Општина Пробиштип.
Пред целата пробиштипска јавност има обраќања од Градоначалникот, Директорот на училиштето и еден класен раководител во име на наставниот кадар од училиштето.
Се врши избор на најуспешните ученици и на ученик на генерацијата, по што со дефиле, пропратено со голем огномет низ кордон од посетители се упатуваат до местото каде се одржува матурската забава.
Настанот е пропратен со илјадна публика.


Probistip Summer Festival

Во текот на месец јули во Пробиштип се случува „Probistip Summer Festival“, кој изобилува со музика, песна, игра, но и добра храна и пијалоци.
Целиот градски пазар се претвора во една голема кафеана, односно локалните ресторани, кафетерии, сендвичари, поставуваат шанкови каде се подготвува скара и се точат разни пијалоци, а пред шанковите се поставуваат маси и столици. Во централниот дел е бината каде што се случува музиката, а на неа дефилираат познати македонски изведувачи и голем број на локални бендови. Секако има и ѕвезди на вечерта со кои во текот на ноќта, па се до раните утрински часови се случува вистинско лудило. Се игра се пее но и може убаво да се јаде и да се пивне, а сето тоа за ефтини пари.
Манифестацијата е масовно попсетена од страна на пробиштипјани, но и на голем број на граѓани од регионот и пошироко.


ЛЕСНОВСКА ЛИКОВНА КОЛОНИЈА – Јули

Во месец јули на Пробиштип и пробиштипјани им се случува и „Лесновска ликовна колонија“, која на овие простори, односно во селото Лесново, каде се наоѓа надалеку познатиот Лесновски манастир се собираат дваесеттина уметници од Македонија и од земји – наши соседи, но и пошироко. Во текот на десетина дена во Лесновскиот локалитет тие творат и ги сликаат своите слики, од кои дел остануваат во трајна сопственост на Домот на културата, односно на Општина Пробиштип. Значајно е тоа што овде имаат продефилирано голем број на познати уметници, кои имаат оставено голем број на вредни ликовни дела. За време на целиот престој е пропратено со богата програма, почнувајќи од свечено отварање, преку посети на познати личности, потоа посета на локалитети и значајни стари занаети и културно историски споменици, организирање на забави, се до свеченото затворање.
Особено е интересен нивниот престој во Лесново и нивното сликање на кое можат да присуствуваат и да гледаат сите вљубеници во оваа уметност.


НЕДЕЛА НА СПОРТ И КУЛТУРА – 21-28 Август

Во периодот од 21 – 28 август, по повод 28 Август, Ден на рударите во Република Македонија, Успение на пресвета Богородица (Голема Богородица) и Ден на Пробиштип, во градот се одржуваат низа на спортски и културни манифестации.
Овде се застаспени Турнирите во мал фудбал, одбојка и кошарка, а не изостануваат и концерти на културно уметнички друштва и познати пеачи.
Секој ден на еден од спортските терени во центарот на градот се случуваат финални натпревари, пропратени со голем број на посетители.
Навечер на градскиот плоштад, платото пред Домот на културата и на Ракометното игралиште се случуваат низа на културни настани од најразлични културни области. (музика, театар, мода,филм и сл.).
Кулминацијата е на самиот празник, на 28 Август со концерт на позната естрадна ѕвезда на градскиот плоштад и финалето на традиционалниот турнир во мал фудбал на ракометното игралиште на кој учествуваат екипи од цела Република Македонија.
Сите овие настани се пропратени со огромен број на посетители од Пробиштип и пошироко.


МАЛА БОГОРОДИЦА с. Лесново – 21 Септември

На 21 Септември, верскиот празник – Рожденство на пресвета Богородица – „Мала Богородица“ во с. Лесново се одржува општонароден собор.
На соборот доаѓаат луѓе од цела Македонија и на тој ден Лесново го посетат седум до осум илјади гости.
Во манастирот се послужува манастирска чорба, а присутните можат да се освежат кај некоја од инпровизираните кафеани на отворено. Секако доколку сакаат можат и да заиграат на музиката на музичката група која е задолжена за добро расположение на соборот. И се така во текот на целиот ден, а посетители има од сите краеви на Македонија.


ДЕН НА УЧИТЕЛОТ – 5 Октомври

На 5 октомври, а по повод светскиот ден на учителот во организација на Општина Пробиштип, а во присуство на просветните работници од општината се одбележува овој убав и свет ден. Со пригодна културно уметничка програма започнува манифестацијата за пред присутните да се обрати првиот човек во општината. На најистакнатите учители од општинските училишта, градоначалникот им дава благодарница за особени достигнувања и придонес во образованието во општина Пробиштип. Целата манифестација завршува со свечен коктел и дружење на просветните работници.


ПРОФЕСТ – Октомври

Во Октомври, се одржува најстариот фестивал во Република Македонија – фестивалот на пеачи аматери „Профест“, манифестацја која започнала да се одржува пред 36 години, а на која се натпреваруваат пеачи – аматери од Македонија и претставува единствен фестивал на пеачи аматери во Република Македонија. Главна награда на победникот е настап на еден од реномираните македонски фестивали и на тој начин им се помага на голем број на аматери да го остварат својот сон и рамо до рамо да запеат со македонската пеачка елита. Токму и тоа е еден од мотивите за учество на овој фестивал. Со убава програмска содржина и со избор на добри песни, секако и на талентирани пеачи од година во година претставува препознатлив белег за Пробиштип.


ФОТО КОНКУРС “ПРОБИШТИП” – 8 Декември

На 8 декември, по повод државниот празник во чест на Св. Климент Охридски, општина Пробиштип организира традиционална изложба на фотографии со мотиви од општина Пробиштип, пристигнати на адресата на општина Пробиштип по распишаниот награден конкурс.
Изложбата се одржува во просториите на Домот на култура „Злетовски рудар“ од Пробиштип.
На изложбата се доделуваат наградите за освоените прво, второ и трето место на зададена тема и прво, второ и трето место на слободна тема.
Фотографиите општината ги користи за промотивни цели и афирмација.