Тони Тоневски
Градоначалник на општина Пробиштип
БИОГРАФИЈА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ
Тони Тоневски е градоначалник на Општина Пробиштип, избран на локалните избори одржани на 2 ноември 2025 година. Со долгогодишно професионално и управувачко искуство, тој претставува значајна фигура во локалниот и регионалниот развој.
Роден и образован во Пробиштип, Тоневски дипломира на Рударско-геолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип во 1997 година. Својата кариера ја започнува како рударски инженер во рудникот за олово и цинк „Злетово“, каде што за краток период го гради својот професионален авторитет, а во 2002 година станува генерален директор на компанијата.
Од 2006 до 2008 година ја извршува функцијата претседател на Управниот одбор и проект-менаџер во Јавното претпријатие „Хидросистем Злетовица“, а потоа работи како директор на Управата за водостопанство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, активно учествувајќи во развојот и управувањето со националните водни ресурси.
Тоневски првпат е избран за градоначалник на Општина Пробиштип во 2009 година, а повторно ја добива довербата од граѓаните на изборите во 2013 година. Во двата мандати, до 2017 година, под негово раководство беа реализирани значајни инфраструктурни и урбани проекти, модернизација на јавните површини, подобрување на патната мрежа, како и поттикнување на нови инвестиции, дел од кои отворија стотици нови работни места во општината.
Во 2024 година е назначен за директор на компанијата „Булмак 2016“, каде што продолжува да работи на развојни и индустриски иницијативи поврзани со рударството и локалниот економски развој.
Тони Тоневски е оженет и татко на две деца. Активно зборува англиски јазик, а неговото дополнително професионално усовршување вклучува специјализирани обуки за менаџмент и хидрологија во Франција и Чешка.
Со долгогодишно искуство, силна поврзаност со заедницата и докажани резултати во економски и инфраструктурен развој, градоначалникот Тоневски ја гради стратегијата за нов бран на локален просперитет и одржлив развој на Општина Пробиштип.
e-mail: gradonacalnik@probistip.gov.mk
Надлежности на градоначалникот
1. Градоначалникот ја претставува и застапува општината;
2. Градоначалникот ја контролира законитоста на прописите на советот;
3. Градоначалникот ги објавува прописите на советот во службеното гласило на општината;
4. Градоначалникот го обезбедува извршувањето на одлуките на советот;
5. Градоначалникот го обезбедува извршувањето на работите коишто со закон и се делегирани на општината;
6. Градоначалникот иницира и предлага донесување на прописи од надлежност на советот;
7. Градоначалникот го предлага годишниот буџет и годишната сметка на буџетот на општината;
8. Градоначалникот го извршува буџетот на општината;
9. Градоначалникот избира директори на јавни служби кои ги основала општината, врз основа на јавен конкурс;
10. Градоначалникот редовно го известува советот за извршувањето на своите надлежности во согласност со статутот;
11. Градоначалникот решава во управни работи за права, обврски и интереси на правни и физички лица, во согласност со закон;
12. Градоначалникот донесува правилник за систематизација на работни места на општинската администрација;
13. Градоначалникот раководи со општинската администрација;
14. Градоначалникот одлучува за вработувањето, правата, должностите и одговорностите на вработените во општинската администрација, доколку поинаку не е определено со закон;
15. Градоначалникот обезбедува правилно и законито користење, одржување и заштита на сопственоста на општината, во согласност со законите и статутот;
16. Градоначалникот врши други работи утврдени со закон и со статут;
Градоначалникот може да овласти раководен службеник во општината да ја води постапката и да решава управни работи, како и да потпишува акти.
