Почитувани сограѓани,
Согласно начелата на:
• одговорност
• отчетност и
• транспарентност
и по извршената анализа на состојбите во општина Пробиштип, јас, како Градоначалник, сакам да ги информирам граѓаните за затекнатата финансиска состојба.
Анализа дава фрапантни бројки.
До денес, општина Пробиштип има обврски, или ако повеќе сакате долгови од вкупно 159 милиони денари или 2.585.000 евра, од кои
• 90 милиони денари – на правни и физички лица
• 4 милиони денари – позајмица од Министерство за финансии
• 25 милиони денари – кредит од СБ
• 40 милони денари – Гарант на кредит за филтер станица
Само обврските за правните и физичките лица кои се доспеани надминуваат 90 милиони денари или над 1,5 милиони евра.
Сè уште пристигаат ситуации од фирмите за кои немам точна и конечна бројка, но таа се очекува да надмине 15 милиони денари.
Долгот е пресметан според досега пристигнати фактури за стоки и услуги, временски ситуации за извршени градежни работи, обврски по гаранции за плаќање и други видови на финансиски документи за задолжување.
Речиси сите од овие долгови се доспеани т.е. времето за плаќање им е поминато.
Ова докажуа дека општина Пробиштип во изминатиов период била неликвидна и не ги плаќала своите обврски во согласност со Законот за фискална дисциплина.
Во горенаведените долгови не се вкалкулирани долговите кои ги има Општината по основ на дадени ваучери за награди и стумулирање на ученици, ментори, спортски клубови и слично.
Поради превисоки трошења и ненавремено плаќање општина Пробиштип секојдневно се соочува со блокада, која во ове 2 недели во договор со фирмите умешно ја менаџираме.
Од долговите кои ги објавуваме, близу 40 милиони денари се во судска постапка.
Со дел од фирмите со кои беше извесно дека ќе ги загубиме спровите, ние веќе направивме судско порамнување на долгот, со можност за исплата на повеќе рати.
Меѓутоа, ни претстојат тешки денови во кои ќе биде исклучително тешко да успееме да ја спасиме општининската сметка од блокирање.
Минатата година во ноември долгот по основ на правни и физички лица бил 50 милиони денари, што покажува дека за една година е зголемен за 80% или нови 40 милиони.
Имаме фирми кои биле редовно сервисирани финансиски, а сега интензивно вршат притисок за исплата на остатокот, со закани за извршни исправи и блокада.
Тоа ни дава за право да се запрашаме: Дали има некаква поврзаност на нив со поранешното раководство во Општината, за да го чекаат крајот на мандатот и да ја тужат и блокираат Општината, иако обврските доспеале многу поодамна.
Долговите надминуваат повеќе од 2 (два) реални годишни Буџети на општина Пробиштип.
За споредба, иако се проектирани 205 милиони денари Буџет за 2017 година, до денес, остварен е само 40% или 80 милиони денари.
За нерационалното трошење и недомаќинското работење во Општината ќе побарам од Државниот завод за ревизија да изврши комплетна ревизија на работењето во изминатите години и ќе оставам на институциите на системот да одлучат какви мерки ќе превземат.
Ние мораме на почеток да ја консолидираме работата на Општината и да ги надминеме трошоците во наредните години.
Секако ќе се обидеме со сите сили и со поддршка на Владата на Република Македонија да ги зголемиме приходите на Општината, со што ќе придонесеме за нејзин реален и домаќински раст и развој.
Ви благодарам!